
Расте бројот на договорени малолетнички бракови во Црна Гора, предупредува невладиниот сектор
Во Црна Гора од почетокот на годината евидентирани се четири случаи на договорени малолетнички бракови, а во текот на целата мината година имало девет – изјави извршната директорка на Центарот за ромски иницијативи, Фана Делија. Според неа, најголем број од овие случаи лани биле регистрирани во Никшиќ, но ги имало и во Подгорица, Котор и Беране.
Во Црна Гора од почетокот на годината евидентирани се четири случаи на договорени малолетнички бракови, а во текот на целата мината година имало девет – изјави извршната директорка на Центарот за ромски иницијативи, Фана Делија. Според неа, најголем број од овие случаи лани биле регистрирани во Никшиќ, но ги имало и во Подгорица, Котор и Беране.
„Од јануари до денес регистрирани се по два случаи во Никшиќ и во Беране, од кои три се однесуваат на малолетни девојчиња. Жртвите често немаат реална можност да го пријават случајот или да излезат од маѓепсаниот круг на насилство. Нашата практика покажува дека случаите често се отфрлаат поради наводен недостиг на докази, па жртвите на крајот го прифаќаат бракот бидејќи најтешко им е да се вратат токму кај сторителите – родителите. Се случува девојчињата да бидат вратени во семејствата што самите ги продале или го договориле бракот“, изјави Делија за подгоричкиот весник „Победа“.
Таа како особено проблематично го оцени неусогласеното постапување на обвинителствата. Посочи дека постојат случаи во кои се пронајдени злато, пари, свечени фустани и други јасни елементи на договорен брак, но пријавите биле отфрлани.
„Обвинителството издава налог за претрес на стан, но тоа не е доволно. Велат дека нема доволно докази и тука сè завршува. Во меѓувреме, девојчињата ги напуштаат училиштето, државата и детството. Цената за малолетни девојчиња во договорените бракови се движи од три до дури 20.000 евра, во зависност од семејството, заедницата и од околностите“, рече Делија.
Од Министерството за човекови и малцински права посочуваат дека континуирано се работи на јакнење на образовните и превентивните програми преку соодветни стратегии и акциски планови. Нагласуваат дека нивната улога е преку едукација да ги менуваат ставовите, а кривичното гонење е во доменот на правосудството.
Од Министерството за внатрешни работи на Црна Гора соопштија дека од 1 јануари 2020 до 22 април 2026 година се регистрирани вкупно 17 случаи на трговија со луѓе заради склучување недозволен брак и дека за сите случаи се поднесени кривични пријави.
Додека институциите ги истакнуваат механизмите за заштита, невладиниот сектор предупредува на сериозни системски слабости. Практиката на договорени бракови во одредени заедници има корени во патријархалните обичаи поврзани со сиромаштија и социјална исклученост, каде што бракот се гледа како сојуз меѓу семејствата, што често подразбира размена на пари и прекин на образованието на децата.