Деновиве во Белград речиси и да нема специјализирана продавница за продажба на сефови за чување оружје каде што може да се купи ваков сеф бидејќи, како што велат за РТС сопственици и трговци, во моментов се распродадени сите резерви, пренесе „360 степени“.
По двете масовни убиства, кои на почетокот на месецов се случија во основното училиште „Владислав Рибникар“ во белградската населба Врачар и кај Младеновац, во кои животите ги загубија 18 лица, како и најавите за построги мерки, побарувачката за сефови за чување оружје е зголемена за 20 отсто.
Во некои продавници во Белград веќе има листи на чекање кои бројат и по повеќе од 50 луѓе, а дневно се јавуваат и по повеќе од сто заинтересирани лица.
Продавачите, се вели во прилогот на српскиот национален радиодифузен сервис – РТС, за сите имаат идентичен одговор: сè што беше достапно е продадено.
„Сите сме во слична ситуација бидејќи побарувачката е многу голема“ – вели Немања Антиќ од специјализирана продавница за продажба на сефови за чување на оружје.
Според неговите претпоставки, досега се продадени сите резерви на поповолни и поевтини модели на сефови за пиштоли и револвери.
Друг вработен во продавница за оружје наведува дека буквално сè што имале во резерва било продадено за неколку часа.
„Сè што имаа увозниците беше распродадено за два дена бидејќи никој не очекуваше дека одеднаш ќе бидат потребни толку ормани“ – вели Милан Вуковиќ за РТС.
Полиците во продавниците се празни, сведочи репортерот на телевизијата во прилогот, а сефовите за чување оружје веќе ги нема ниту во магацините. Најбарани се помалите сефови за пиштоли, но и малите брави за заклучување на оружјето.
За купување на ваков вид опрема, се наведува во прилогот, според српските закони, не е потребна дозвола, лични податоци на купувачот или доказ за поседување на оружје.
Сепак, со закон е јасно пропишано како мора да се чува оружјето во сеф.
„Имаат посебни фиоки и посебен дел за пушки, и двете се заклучени. Според законот, муницијата би требало да се чува посебно во тие фиоки или прегради. Самото заклучувањето е многу важно. Исто така, многу важно кај сефот е зашрафувањето во ѕид, под или во плакарот“ – вели Антиќ.