Распоредувањето американски сили на Блискиот Исток не е само за заплашување на Иран

САД распоредуваат воздушни и поморски сили на Блискиот Исток со две цели-– заплашување на Техеран и да се осигури опција за евентуален напад врз Иран ако пропаднат преговорите за нуклеарната програма на Техеран, изјавија неименувани извори за Си-ен-ен.

САД распоредуваат воздушни и поморски сили на Блискиот Исток со две цели-– заплашување на Техеран и да се осигури опција за евентуален напад врз Иран ако пропаднат преговорите за нуклеарната програма на Техеран, изјавија неименувани извори за Си-ен-ен.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, уште од протестите во Иран се заканува со воена операција, но минатата недела изјави дека смената на режимот во Иран би била „најдобрата работа што може да му се случи на Техеран“.

Трамп минатата недела потврди и дека „УСС Џералд Р. Форд“ од Карипското Море се упати кон Блискиот Исток, каде што веќе е распореден носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ придружуван од бродови разорувачи, кои може да носат десетици крстосувачки ракети „томахавк“ со дострел од речиси 1.600 километри, со бојни глави тешки приближно 450 килограми. И воените авиони „Ф-35“ и „Ф-15“ може да носат наведувачки бомби и ракети „воздух-земја“. Носачите на авиони обично се придружувани од подморница, од која исто така може да се лансираат ракети.

– Ќе ни треба во случај да не постигнеме договор – наведе Трамп на 13 февруари одговарајќи зошто најголемиот носач на авиони во светот се упати кон Блискиот Исток.

Според неименувани извори, потенцијалните цели на американските сили би биле седиштето на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) и други воени инсталации, не само нуклеарни објекти. Тие додадоа и оти се разгледува можноста за заеднички операции на САД и Израел, какви што имаше минатото лето за време на 12-дневната војна меѓу Израел и Иран.

Додека Иран, пред преговорите во Женева, вчера одржа воена вежба „Храбра одбрана“. Иранската револуционерна гарда соопшти дека е распоредена на најјужната точка во Иран и е подготвена да се спротивстави на секој агресор.

Началникот на Генералштабот на иранските вооружени сили, генерал-мајор Абдолрахим Мусави, вчера изјави дека „Трамп мора да знае дека со влегувањето во конфликт ќе научи тешки лекции, чиј исход ќе обезбеди тој повеќе да не шири закани во целиот свет“.

Регионалните сојузници на САД, меѓу кои и арапските држави од Персискиот Залив, се загрижени дека американска воена акција би можела да го дестабилизира регионот.

Денеска, во Амбасадата на Оман во Женева ќе се одржат преговори помеѓу САД и Иран за нуклеарната програма на Техеран. Американската делегација е предвидена од Стив Виткоф, а иранската од Абас Арагчи.

Техеран претходно соопшти дека е подготвен да разговара за ограничувањата на својата нуклеарна програма доколку САД се подготвени да ги укинат економските санкции. Но, Иран не е подготвен да преговара за други прашања, како што се ограничувањето на својот ракетен арсенал или прекинувањето на поддршката за вооружените групи во регионот.
Според нив, американски воени авиони стационирани во Велика Британија, вклучително и танкери за дополнување гориво, се приближуваат кон Блискиот Исток.

Исто така, САД продолжуваат да распоредуваат системи за противвоздушна одбрана во регионот. Според податоците за следење на летовите, 250 американски воени транспортни авиони изминатите недели превезуваа опрема од САД во Јордан, Бахреин и Саудиска Арабија.

Сателитските снимки покажуваат дека од 25 јануари 12 американски авиони ловци „Ф-15“ се распоредени во воздухопловната база Мувафак Салти во Јордан.