Рамиз Мерко го славел фашистичкиот окупатор и ги вознемирил стружани
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), по поднесена претставка од 39 жители на оштина Струга, утврди дека актуелниот градоначалник Рамиз Мерко ги вознемирил жителите поставувајќи спомен плоча испишана на албански јазик со која се славел периодот на окупација од фашистичка Италија и Кралство Албанија пред училиште кое е прогласено за културно наследство на Македонија.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), по поднесена претставка од 39 жители на оштина Струга, утврди дека актуелниот градоначалник Рамиз Мерко ги вознемирил жителите поставувајќи спомен плоча испишана на албански јазик со која се славел периодот на окупација од фашистичка Италија и Кралство Албанија пред училиште кое е прогласено за културно наследство на Македонија.
„СЕ УТВРДУВА ПРОДОЛЖЕНО ВОЗНЕМИРУВАЊЕ врз основа на друго уверување во областа на културата и културното наследство, сторено од страна на градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко, врз жителите на Општина Струга…Градоначалникот , согласно наводите од претставката, на 05.3.2024, на самиот влез на училишната зграда, во која сега се наоѓа седиштето на Општина Струга, поставил плоча испишана на албански јазик со која се слави периодот од 01.9.1941 година, кога Струга била под окупација од тогашна фашистичка Италија и Кралството Албанија, а во нивна служба како соработници биле балистите.
Подносителите наведуваат дека датумите кои се поврзани со отворањето на училишта на тогашните окупатори на Западна Македонија, во која окупација од Италија и Албанија влегува и Струга, силно ги повредува чувствата на сите етнички заедници кои тогаш живееле на подрачјето на Струга и струшко, но и на цела Западна Македонија. Новата спомената окупација, според подносителите, ја заменила дотогашната и продолжила со истите денационализаторски политики и пракси, убивана, силувања, терор и асимилација на македонското и останатото неалбанско население. Според подносителите, постојат низа историски јавно достапни податоци кои ги потврдуваат нивните тврдења.
Оттаму, подносителите сметаат дека не смее да се дозволи на објект кој е заштитен од Управата за заштита на културното наследство да стојат табли со кои се глорифицира фашистичка окупација. Според нив, недозволиво е да се слават настани кои ги повредувале основните човекови права и националните чувства на граѓаните на Струга и струшко.
Дополнително, подносителите наведуваат дека поставување табли на овој објект може да направи само Управата за заштита на културното наследство, а не самоволно градоначалникот на Општина Струга, бидејќи тоа е спротивно на законот. Поради сето наведено подносителите сметаат дека со поставувањето на ваква табла на објектот којшто е заштитен како значајно културно наследство, градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, извршил вознемирување врз основа друго уверување во областа на културата и културното наследство врз граѓаните на општина Струга“, се вели во решението на Комисијата.
КСЗД доставила барање до Мерко да се произнесе, но тој не им одговорил. Потоа е побарано толкување на историскиот контекст на претставката од Институтот за национална историја кој навел дека споменатиот објект е од исклучително историско значење, бидејќи е граден како образовна институција во која се едуцирале голем број ученици, а дел од нив биле и јадрото на борците на народоослободителната војна на македонскиот народ и другите заедници од струшкиот регион.Со поставената плоча, предмет на претставката, всушност се глорифицира периодот на фашистичка окупација на Струга во 1941 година, поради што истата претставува сквернавење на споменот на бројните паднати борци токму во борбата против фашизмот. Особено имајќи го големиот влог на Македонија во антифашистичката борба, со што го даваме својот историски придонес во Денот на Европа. Дополнително, Институтот за национална историја, наведува дека комплексот е прогласен за значајно културно наследство, што имплицира дека за секоја интервенција е потребно да се добие дозвола од Управата за заштита на културното наследство.
Имајќи го предвид сето горе наведено, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација препорачува градоначалникот Рамиз Мерко, да ја отстрани спорната плоча со вознемирувачка содржина од влезот на зградата која е дел од споменичната целина образовен комплекс, заштитена како значајно културно наследство од Управата за заштита на културното наследство, во која се наоѓа седиштето на Општина Струга, најдоцна во рок од 30 дена од приемот на мислењето и препораката и за истото писмено да ја извести Комисијата. Исто така се препорачива градоначалникот Мерко, јавно да им се извини на граѓаните на општина Струга и струшко за стореното продолжено вознемирување со поставувањето на спорната плоча со вознемирувачка содржина, најдоцна во рок од 30 дена од приемот на мислењето и препораката и за истото писмено да ја извести Комисијата. На крајот од Мерко се бара во иднина да се воздржува од преземање дискриминаторски и вознемирувачки дејствија врз било која дискриминаторска основа од Законот за спречување и заштита од дискриминација.