Рама ќе има министерка креирана со вештачка интелигенција

Албанскиот премиер Еди Рама на седница на Националното собрание на Социјалистичката партија ја претстави првата министерка во историјата, креирана со вештачка интелигенција, наречена Диела.

Албанската Влада, прва во светот, ќе има министерка креирана со вештачка интелигенција. Таа е 17-член на новиот владин кабинет „Рама4“.

Албанскиот премиер Еди Рама на седница на Националното собрание на Социјалистичката партија ја претстави првата министерка во историјата, креирана со вештачка интелигенција, наречена Диела.

Рама, кој го почнува својот четврти мандат, изјави дека Диела, што на албански значи Сонце, ќе ги води и доделува сите јавни тендери, за што Владата ангажира приватни компании.

– Диела е првиот член на кабинетот, кој не е физички присутен, туку е виртуелно создаден со вештачка интелигенција. Таа ќе ја претвори Албанија во земја каде што јавните тендери ќе бидат 100 проценти ослободени од корупција. Новата министерка задолжена за јавни тендери нема да биде поткуплива, нема да може да ѝ се заканува некој ниту некој да ѝ се додворува. И тоа е затоа што Диела, е бот генериран со вештачка интелигенција, наведе Рама, претставувајќи го својот нов кабинет.

Јавните тендери долго време се извор на корупција во земјата. Таквата слика го отежна пристапот на Албанија кон ЕУ, што Рама сака да го постигне до 2030 година.

Политичките аналитичари го сметаат ова за амбициозно. Владата не наведе дали Диела ќе биде следена од луѓе или како ќе се отстрани ризикот од можна манипулација.

Диела беше претставена претходно оваа година како виртуелен асистент со вештачка интелигенција на платформата е-Албанија за добивање владини документи.

Многумина не веруваат во неа. „Дури и Диела ќе биде корумпирана во Албанија“, коментираше еден корисник на Фејсбук. „Кражбите ќе продолжат, а Диела ќе биде обвинета“, додаде друг.

Конститутивната седница на новиот законодавен дом избран на 11 мај, е закажана за утре. Следниот ден Рама го доставува Предлог-составот на новата влада до шефот на државата, кој пак во рок од седум дена треба да потпише уредба за нејзино одобрување. Потоа во рок од 10 дена ќе бидат ставени на гласање во Собранието, што ќе биде само формално, бидејќи социјалисти имаат 83 од вкупно 140 пратеници.