Рама телефонски разговарал со Зеленски
Премиерот на Албанија – Еди Рама телефонски разговарал со претседателот на Украина – Володимир Зеленски.
„Денеска имав телефонски повик од претседателот Зеленски, кој ми се заблагодари за сè што Албанија прави во овие трагични денови за неговиот народ, за Европа и за целиот свет, почнувајќи од нашата улога на кодомаќин со САД во Советот за безбедност на ОН, до помош дадена за украинската армија, како и интензивното ангажирање на дипломатски канали со важни партнери за поддршка на Украина“ – напиша Рама на социјалните мрежи.
Тој му изразил максимална поддршка на Зеленски и на украинскиот народ, посочувајќи дека би сакал да направи многу повеќе.
„На украинскиот претседател му ги изразив целиот восхит и целосна солидарност на албанскиот народ во Албанија и Косово, со него и со украинскиот отпор, како и целосна волја да направиме сè што можеме за Украина да триумфира во својата родољубива војна“ – пишува Рама.