Рама: С. Македонија е под голем ризик да западне во национализам

Настапувајќи како еден од говорниците на панелот „Проширување на европските хоризонти“ во рамки на Светскиот економски форум во Давос, албанскиот премиер Еди Рама порача дека Европската Унија мора да му даде повеќе на Западен Балкан бидејќи во спротивно се остава простор за Русија и нејзината популарност во регионот.

„Луѓето во Брисел мора да сфатат дека во регион каде ЕУ оди надолу, Путин се гледа како херој, сè повеќе и повеќе во некои земји. Не во Албанија, кај нас неговата популарност е 0,7 отсто и тоа е многу за нас бидејќи ние 99 отсто ја сакаме ЕУ, а 100 отсто САД. И мора го зачуваме тоа“, рече Рама.

Сепак, посочи тој, сите на Западен Балкан се на заеднички фронт кога станува збор за осуда на Русија и нејзината окупација во Украина, вклучително и Србија со нејзиното гласање во Обединетите Нации.

Рама го истакна и усогласувањето на регионот со ЕУ во однос на воведувањето на санкциите, но рече дека за возврат Западен Балкан мора да добие повеќе од Унијата. Тука ја спомена и Северна Македонија, посочувајќи дека во спротивно може да западне во национализам.

„Мора да разбереме едно нешто – да, санкциите се во ред. Но, во меѓувреме земјите членки на ЕУ имаат фондови за закрепнување, за иновации…, кои се над приходите на секоја земја. Ние немаме. Никој во регионот нема. ЕУ мора да нè вклучи повеќе. Не претендирам да добиеме исто фондови како нашите соседи кои повеќе не се Балкан. Но, нешто мора да добиеме. Северна Македонија мора да добие. Постојано зборуваме за Србија затоа што е во тренд, но Северна Македонија е под голем ризик да западне во длабок национализам што може да предизвика многу неволји. Според моите информации, популарноста на Русија и Путин таму е многу повисока од ЕУ“ – рече Рама.