Рама: Србија не може да опстане без поддршка од Москва

Албанскиот премиер Еди Рама смета дека Србија не треба да биде под натамошен притисок во врска со санкциите против Русија и истовремено изразува загриженост за зголеменото влијание на Москва на Западен Балкан.

„Не треба да има понатамошен притисок врз Србија, во однос на санкциите против Русија, бидејќи таа земја не може да опстане без поддршка од Москва. Покрај тоа, не смее да се заборави дека Белград веќе три пати гласаше во ОН против Русија, што е големо изненадување.Тоа покажува дека постои силна волја за интеграција во ЕУ“, изјави Рама во интервју за виенскиот весник „Пресе“.

Тој нагласи дека мора да се направи се за да се оддалечат потенцијалните закани од Балканот.

Ова, објаснува тој, се однесува пред сè за Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Република Српска каде, како што рече, Кремљ има „силно влијание“.

За пристапните преговори на Албанија со ЕУ, оцени дека тоа нема да биде лесен пат.