Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи на 6 декември во Тирана е историски настан за земјата, оцени албанскиот премиер Еди Рама кој на социјалните мрежи го сподели логото на Самитот, дизајнирано со албански народни мотиви, боите на националното знаме и боите на знамето на Европската унија.
– Албанија е горда првпат да биде домаќин на Самитот ЕУ-Западен Балкан, историски настан, со почит кон нас кои иднината ја гледаме во големото европско семејство, напиша Рама.
Самитот е прв од ваков вид што се одржува во регионот на Западен Балкан и е дел од спроведувањето на стратешката агенда на Европскиот совет 2019-2024 година.
Се оценува за можност да се потврди клучната важност на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и Западен Балкан, регион со јасна перспектива кон ЕУ.
– Според официјалната агенда објавена на веб-страницата на Советот на Европска Унија, меѓу главните теми на разговор ќе бидат: справување со последиците од руската агресија врз Украина; интензивирање на политичкиот ангажман; зајакнување на безбедноста и градење на отпорност против странско мешање преку справување со предизвиците што ги носи миграцијата, борбата против тероризмот и организираниот криминал. На Самитот ќе се оцени и напредокот во интеграцијата на Западен Балкан на внатрешниот пазар на ЕУ, јави државната новинска агенција АТА.