Премиерот на Албанија – Еди Рама по вчерашните протести организирани од Сали Бериша во Тирана реагираше на Инстаграм со изрека од актерот Џон Вејн.
„Животот е тежок, но будалетинките го отежнуваат уште повеќе“.
Политичките аналитичари оценуваат дека вчерашниот е најцрн ден за Демократската партија, бидејќи поддржувачите на Бериша кршеа прозорци и врати со цел да ја запоседнат зградата на партијата, а имаше и физички пресметки меѓу демократите од двете крила.
Протестот беше придружен со тензични ситуации поради што полицијата мораше да употреби солзавец и водени топови за да ја растера толпата.
Раководството на партијата и актуелниот лидер Љуљзим Баша побараа асистенција од полицијата, која веднаш интервенираше.
Толпата се повлече од пред седиштето на партијата и се упати кон зградата на Владата, која беше под силно полициско обезбедување, по што повторно се обиде да се врати пред партиското седиште, но полицијата им го попречи патот.
Бериша потоа соопшти дека протестот е завршен, најавувајќи дека ова е само почетокот.
Полицијата привела 33 лица, меѓу нив и малолетници, а лекарска помош добиле десеттина лица, меѓу нив еден новинар и еден полицаец.