Премиерот на Албанија, Еди Рама по повод најавата на Србија за враќање на илјада војници и полицајци на Косово порача дека Косово „никогаш повеќе нема да биде под управа на Белград“ и го оцени српското барање за нереално. Додаде дека ситуацијата со барикадите на северот на Косово е длабоко вознемирувачка.
„Ова не е добар крај на годината за процесот на нормализација на односите на Косово и Србија. Засилувањето на тензиите на северот на Косово не само што е бескорисно, туку е и длабоко вознемирувачко. Неверојатно е што постојано мораме да се соочуваме со барикади, застои во процесот на нормализацијата и тимовите за гасење пожари на САД и ЕУ кои трчаат за да го спасат дијалогот од огнот на тешката политичка реторика“ рече Рама.
„Неодамна слушнавме барање српските трупи да дојдат на северот на Косово за да ги заштитат етничките Срби. Разбирам дека тоа е уште еден посебен дел од политичката реторика, но е надреално колку што би било кога Косово би побарало НАТО да испрати албански трупи на југот на Србија за да ги заштитат етничките Албанци“, истакна тој.
Смета дека Косово „еднаш засекогаш е ослободено од Белград“ и дека нема враќање на старата состојба на нештата.
„Влеговме во третата деценија откако Косово еднаш засекогаш е ослободено од Белград и никогаш повеќе нема да биде под белградскиот закон“, порача Рама.