Албанскиот премиер Еди Рама утрово ја напушти болницата по извршена апендектомија, јавува Клан Косова.
Рама утрово околу 6 часот го напушти Универзитетскиот болнички центар во Тирана, велат информациите.
На Рама вчера му била извршена лапароскопска интервенција на слепото црево, а како што соопшти Медиумскиот сервис на албанскиот премиер, операцијата ја извршила тим хирурзи и анестезиолози.
Шефот на хирургија Арбен Гиата во изјава за медиумите рече дека постоперативната состојба на Рама е стабилна и додаде дека тој може целосно да закрепне за три дена.