Рама за францускиот „Метропол“: Интеграцијата на Балканот носи безбедност и единство во Европа

Албанскиот премиер Еди Рама во репортажа „Ексклузивни истраги“ на францускиот канал „Метропол“ покрај другото зборува и за напредокот на евроинтегративниот процес, при тоа оценувајќи дека „интеграцијата на Балканот носи безбедност и единство во Европа“.

Тој додава дека „тоа не е предвидлив процес, бидејќи тоа е постојана политика во Унијата, внатрешна политика на земјите“, но, нагласува дека „мора да изградиме правна држава“.

„Се сеќавам на нешто што Мишел Рокард ми го кажа одамна: Мора да разберете дека преговарањето со Европската унија за пристапување во неа е процес на кревање на вашата земја. Мора да изградиме правна држава“ – изјавил Рама.

На прашањето што ќе донесе Албанија во Европа, тој рекол дека „Албанија е една од земјите на Балканот“.

„Мислам дека е поконкретно што може да донесе Балканот во Европа. Повеќе безбедност, не само во воена смисла, туку и во борба против илегалната имиграција, дрогата, поголема безбедност, повеќе единство, бидејќи тоа е малку како стомакот на Европа. Затоа, не е добра идеја стомакот да се одвои од телото, бидејќи тоа може да создаде многу проблеми“ – додаде тој.

Во репортажата главно посветена на Албанија новинарот констатира дека малку по малку започнала да се менува сликата за Албанија во Франција и се повеќе Французи доаѓаат во ова земја и оти зад овој успех стои „човек кој девет години работи Албанија да ја направи поевропска од кога било“.

„Сликата што се создаде за нашата земја во странство е стереотип за Албанија и далеку од албанската реалност. Не сакам да кажам дека нема корупција, во секој случај, Албанија има проблеми со корупцијата токму затоа што сè уште немаме владеење на правото и институции способни да се борат со сите овие појави“ – посочил Рама.