Албанскиот премиер Еди Рама претпладнево ќе одржи митинг во Атина, односно собир со Албанците кои живеат во грчката метропола во рамките на неговата турнеја во неколку европски земји, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера коментираше дека посетата „и не во баш најсоодветен момент“.
Собирот ќе се одржи во затворена спортска сала во атинска населба, а според грчките медиуми за безбедноста на Рама за време на престојот во Атина, што се води како приватна посета, ангажирани се над 1.000 полицајци и планирани се драконски безбедносни мерки што вклучуваат и хеликоптери и дронови.
За посетата на Атина, самиот Рама минатата седмица на платформата Икс рече дека не е поврзана со внатрешните работи на Грција или евроизборите, а во петокот на Фејсбук објави фотографија со детали за настанот и ги повика Албанците кои се во Атина и околината да присуствуваат на собирот.
Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на брифингот со новинарите во четвртокот рече дека во вторникот, официјално биле информирани за посетата на Рама, а локацијата беше одредена речиси во последен момент.
Мицотакис во интервјуто за грчката телевизија Алфа вчера во однос на посетата на албанскиот премиер рече дека „Грција е демократска земја, која уставно го гарантира правото на одржување собири и очигледно никој никогаш не би му забранил на странски лидер да дојде, да оствари приватна посета за да им се обрати на неговите сонародници“.
– Мислам дека темата доби малку повеќе публицитет отколку што навистина заслужува. Ако ме прашувате дали времето на оваа посета, неколку недели пред европските избори и со отворените прашања за грчкото национално малцинство во Албанија, е вистинскиот, ќе ви кажам дека не е баш најсоодветното време. Но, како и да е, да не му даваме и поголема важност, рече Мицотакис.
Со идентичен став беше и министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, кој во интервјуто за грчкото радио „Скај“ во четвртокот истакна дека посетата не е во соодветен момент и коментираше дека се работи за приватна посета, а не на покана на грчката Влада.
– Она што е навистина точно е несоодветниот момент на оваа посета, со оглед на фактот што од една страна албанските избори нема да се одржат пред 2025 година, а од друга страна веќе сме во пред изборен период во пресрет на европските избори, рече Герапетритис.
Посетата на Рама на Атина е во период кога односите меѓу Грција и Албанија се заладени поради случајот со осудениот градоначалник на Химара Фреди Белери, кој иако е во затвор во Албанија е еден од 42-та кандидати за пратеници во Европскиот Парламент од редовите на грчката владејачка партија Нова демократија.