Рама: Албанија ќе го брани Косово, ако треба и со оружје

Албанскиот премиер Еди Рама рече дека Албанија ќе застане зад Косово, а ако се исцрпат дипломатските опции, ќе употреби и оружје.

Тој за приштинската телевизија АТВ изјави дека се моли опцијата за употреба на оружје да не се појави во реалноста, но дека, доколку тоа се случи, Албанија дефинитивно ќе застане на страната на Косово.

„Нема сомнеж дека Албанија стоела, стои и ќе стои до Косово во секој случај, дури и ако не дај Боже работите стигнат до таму што веќе нема да се зборува, туку ќе се користи оружје“, рече Рама.

Тој изјави и дека лидерите на Косово и во Албанија треба да размислуваат за иднината, „за нашите земји да станат поугледни на меѓународно ниво“.

„Мора да ги поставиме нашите земји во реалност во која сојузниците имаат почит кон нас“, рече тој.

Запрашан како Албанија ќе реагира доколку Косово биде нападнато, Рама одговори дека Косово не е само и нема да остане само.

„Албанија е членка на НАТО и е географски ентитет што има посебен однос со Косово, а секој напад на Косово е напад врз Албанија. Од друга страна, Косово не е само и има стратегиски сојузници без кои не би можело да постои како држава“, рече тој.

Од таа причина, како што рече Рама, „мора да размислуваме за тежината на косовските сојузници“.