
Рамафоса: Одлуката на Трамп САД да го бојкотираат самитот на Г20 е нивна загуба
Тој рече дека „САД треба да размислат повторно дали политиката на бојкот навистина функционира, бидејќи според моето искуство не функционира“.
Одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп, САД да го бојкотираат самитот на Г20 следниот викенд во Јужна Африка е „нивна загуба“, изјави денеска јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса.
Тој рече дека „САД треба да размислат повторно дали политиката на бојкот навистина функционира, бидејќи според моето искуство не функционира“.
Трамп минатата недела на социјалните мрежи објави дека ниту еден функционер на американската Влада нема да биде во Јоханесбург на 22 и 23 ноември на состанокот на лидерите на 19-те најбогати и водечки економии во развој во светот.
Тој ја оправда својата одлука да не оди во Јужна Африка со неговото веќе широко отфрлено тврдење дека членовите на белото малцинство во Јужна Африка се насилно прогонувани и лишени од нивната земја поради нивната раса.
Американскиот претседател со месеци ја критикуваше владата на Јужна Африка предводена од црнци поради тоа и за голем број други прашања, вклучувајќи ја и одлуката на земјата да го обвини сојузникот на САД Израел за геноцид врз Палестинците во Газа. Случајот во врска со тоа сега е пред судот на Обединетите нации.
„Жално е што САД одлучија да не учествуваат во Г20“, им рече Рамафоса на новинарите. „Бидејќи САД нема да дојдат на Г20, не смее ни да се помисли дека нема да има состанок на Г20. Г20 ќе продолжи, сите други шефови на држави ќе бидат тука. На крајот, ние ќе донесеме фундаментални одлуки и нивното отсуство (на САД) е нивна загуба“.
Рамфоса додаде дека САД „ја напуштаат многу важната улога што треба да ја играат како најголема економија во светот“.
Трамп во мај во Белата куќа му рече на Рамафоса дека белото малцинство -Африканери во Јужна Африка се убивани во широко распространети напади. На таа средба во Белата куќа Рамафоса лобираше Трамп да биде присутен на годинашниот самит на Г20, прв во Африка.
Г20 беше формирана во 1999 година за да ги собере богатите и земјите во развој за решавање на прашања што влијаат на глобалната економија и меѓународниот развој. САД, Кина, Русија, Индија, Јапонија, Франција, Германија, Велика Британија и Европската Унија се членки. САД треба да го преземат ротирачкото претседателство со Г20 од Јужна Африка на крајот од оваа година.
Минатата недела, Трамп изјави на својата социјална мрежа „Truth Social“ дека „е целосна срамота што Г20 ќе се одржи во Јужна Африка“ и тврдеше дека Африканерите „се убиваат и колат таму, а нивната земја и фарми се нелегално конфискувани“.
Иако Трамп рече дека нема да биде на самитот, се очекуваше потпретседателот Џ.Д. Венс да ги претставува САД.
Тврдењата на Трамп за насилство и прогон на белците во Јужна Африка се одраз на ставовите изразени од конзервативните медиумски коментатори во САД уште од 2018 година.
Трамп и други, вклучувајќи го и Елон Маск, роден во Јужна Африка, исто така ја обвинија владата на Јужна Африка дека е расистичка кон белците поради законите за афирмативна акција насочени кон подобрување на можностите за црното мнозинство кое беше угнетено под поранешниот систем на апартхејд.
Владата на Рамафоса рече дека ваквите изјави се резултат на дезинформации и неразбирање на Јужна Африка.
Односите меѓу САД и земјата, нивниот најголем трговски партнер во Африка, се на најниско ниво од крајот на апартхејдот во 1994 година. Во март, Вашингтон го протера амбасадорот на Јужна Африка во САД поради коментари за Трамп.
Администрацијата на Трамп ја критикуваше Јужна Африка како домаќин на Г20 од самиот почеток, а државниот секретар на САД, Марко Рубио, не присуствуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 во Јужна Африка во февруари, нарекувајќи ја политиката на домаќинот „антиамериканска“ и исмевајќи го фокусот на Јужна Африка на прашања како што се климатските промени и глобалната економска нееднаквост.