Ракиќ: Курти праќа специјалци за да го прогони нашиот народ и да спроведува „Олуја“
Лидерот на главна политичка групација на косовски Срби „Српска листа“, Горан Ракиќ, попладнево издаде соопштение во кое го обвини премиерот на Косово, Албин Курти, дека за вечерва подготвува операција „Олуја“ против српскиот народ во Косово
„По нашите апели за мир, а со оглед на информациите кои ги имаме, Албин Курти на седница со своите безбедносни структури, најавил дека вечерва ќе прати до заби наоружани РОСУ и други единици на северот на Косово и Метохија за да го прогони нашиот народ и да спроведува „Олуја“.
Го повикуваме КФОР да спречи упад на РОСУ на северот на Косово и Метохија, бидејќи нивното присуство на овие простори е спротивно на сите договори кои се на сила.
Ова е момент кога одговорноста е на КФОР и на ЕУЛЕКС да го спречат хаосот кој го подготвува Курти“ – се вели во изјавата на Горан Ракиќ, објавена на Фејсбук страницата на „Српска листа“.
Во исто време со драматичната изјава на Ракиќ, од Белград стигна вест дека претседателот Александар Вучиќ свикал седница на Советот за национална безбедност. По седницата, најавено е обраќање до јавноста.