Разрешен уште еден директор на скопските клиники

Министерството за здравство попладнево информира дека министерот, д-р Беким Сали денеска го разрешил од функцијата организацискиот директор на Универзитетската клиника за детски болести, Аљајдин Мемеди.

„Организацискиот директор на оваа Клиника се разрешува од функцијата пред истекот на времето за кое е именуван, поради утврдени нерегуларности во извештајот од извршената контрола на работењето на оваа Клиника. Контролата е спроведена од Фондот за здравствено осигурување“, се вели во соопштението од МЗ.

Претходно денеска, на барање на министерот Сали, оставки од функциите поднесоа директорите на Детската клиника, д-р Аспазија Софијанова и на Клиниката за онкологија, д-р Нино Васев.