Судијата и поранешен претседател на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев е разрешен од Судски Совет, за 97-те јавувања во неколку дена на странка (обвинет), во предмет што го судел лично тој. Уште лани Вишиот јавен обвинител на Скопје Мустафа Хајрулахи го пријавил Нанев во Судскиот совет, обезбедувајќи доказ-листинг од јавувањата по телефон од страна на судијата Нанев.
Судскиот совет претходно едногласно одлучи јавноста да биде исклучена од расправата и одлучувањето за утврдување одговорност на Нанев.
Образложението поради кое се одлучуваше зад затворени врати е поради заштита на неговиот углед и интегритет. Подносител на барањето за утврдување одговорност од судијата Нанев е претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.
Додека трае жалбената постапка, во мирување се другите две претставки за разрешување на Нанев, бидејќи судија не може повеќе од еднаш да се разрешува.
Едната е од претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, против која тој усно и на писмено изнел многу навреди, а другата е од адвокатка од Кавадарци која наводно Нанев вулгарно ја навредувал и ѝ се заканил пред семејството.
Дициплинските постапки за Нанев за телефонски повици кон обвинетиот Вачно Кузманов, сопственик и управител на фирмата „Анго Вест ДООЕЛ“, кого Нанев го ослободил и за навредувањето на Дамева, беа јавни. Денеска Нанев се премислил и пак по негово барање, седницата беше без новинари.
Претставката од адвокатката се води на затворени седници.