
Разрешен специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан
Новата германска федерална влада, предводена од канцеларот Фридрих Мерц, одлучи значително да го намали бројот на комесари, специјални претставници и координатори.
Новата германска федерална влада, предводена од канцеларот Фридрих Мерц, одлучи значително да го намали бројот на комесари, специјални претставници и координатори. Меѓу позициите што ќе бидат укинати е и функцијата на специјалниот пратеник на германската влада за Западен Балкан.
Според документот за резолуција објавен од „БИЛД“, владата планира да укине вкупно 25 позиции на својата прва седница. Одлуката опфаќа широк спектар на позиции, вклучувајќи специјални претставници за меѓународна климатска политика, договори за миграција, како и разни координатори за транспорт и информатичка технологија.
Во 2022 година, германската влада го назначи Мануел Саразин за германски специјален претставник за Западен Балкан.
Особено е значајно што Германија повеќе нема да има специјален претставник за Западен Балкан, што укажува на промени во пристапот на оваа земја кон регионот. Досега, оваа функција играше важна улога во следењето на политичките и економските процеси на Балканот и претставуваше силна поддршка за европската перспектива на земјите во регионот.
Сојузното министерство за надворешни работи објави дека во иднина задачите на разрешените претставници ќе ги преземат надлежните министерства. Ова, според Владата, ќе обезбеди поефикасно и централизирано управување без дополнителна бирократија.
Новите правила предвидуваат дека новите позиции на комесари можат да се воведуваат само со одлука на кабинетот или со декрет на федералниот канцелар, освен во случаи кога тоа е пропишано со закон.