Разрешени министрите за одбрана и за надворешни работи на Црна Гора

Собранието на Црна Гора ги разреши министрите за одбрана и за надворешни работи – Рашко Коњевиќ и Ранко Кривокапиќ на предлог на премиерот Дритан Абазовиќ, на чија Влада претходно и беше изгласана недоверба.

Тоа е првпат во парламентарната историја министри да бидат разрешени од влада на која веќе и е изгласана недоверба, што според мислењето на правници е противуставно.

Пратениците гласаа пред почетокот на молкот за локалните избори закажани за в недела на 23 октомври. Абазовиќ рече дека Коњевиќ и Кривокапиќ немаат право да ги злоупотребуваат своите позиции.

„Ако некој мисли дека надворешната политика на Црна Гора треба да се прилагоди на одбраната на Ѓукановиќ (претседателот Мило), со засипување на меѓународната заедница со неточни информации, мислам дека тоа е сосема несоодветно. Министерот за одбрана не го направи она што се очекуваше од него“, рече Абазовиќ.

Абазовиќ деновиве размени низа сериозни обвинувања со Коњевиќ и Кривокапиќ, кои се членови на Социјалдемократската партија. СДП е дел од малцинската влада на Абазовиќ, избрана во април, по падот на владата на Здравко Кривокапиќ.

Таа партија е еден од иницијаторите за падот на владата на Абазовиќ во август годинава, по потпишувањето на Основниот договор со Српската православна црква.

На владата и беше изгласана недоверба на 19 август. Ѓукановиќ откако никому не му го довери мандатот за состав на нова влада, до собранието достави предлог за скратување на мандатот и распишување нови избори, но не го доби потребното мнозинство гласови.

Сега Владата работи со технички мандат, Уставниот суд е блокиран бидејќи не се избрани нови членови, а ДФ предложи да се донесе Законот за претседател за да се намалат овластувањата на Ѓукановиќ во однос на предлагањето на претставници и амбасадори.