Радовишкиот градоначалник Ацо Ристов не сака втор мандат

„Ќе дадам отчет за она кое му го оставам како аманет на градот, но можеби некои луѓе кои очекуваа да продолжам со оваа работа (градоначалничката н.з.) ќе бидат разочарани од мојата одлука, но искрено моите лични планови се косат со функцијата градоначалник, а и лично мислам дека четиригодишната работа беше доволно време да го дадам максимумот на градот“, посочи Ацо Ристов.

„Сакам да отстранам една дилема околу мојата евентуална кандидатура за нов градоначалнички мандат, зашто луѓето во Радовиш кои ме знаат ме прашуваат за тоа дали пак ќе се кандидирам за градоначалник, и јавно сакам да обелоденам дека немам намера да се кандидирам за нов мандат бидејќи имам други планови во животот“!

Ова, за регионалната ТВ Кобра од Радовиш го изјави Ацо Ристов, актуелен градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Ристов порача дека за тоа дали и понатаму, на било каков начин ќе остане во политиката, ќе се знаело по неговите разговори со премиерот Христијан Мицкоски.

„Мислам дека за позицијата градоначалник е време за нови, помлади луѓе бидејќи градоначалничката позиција подразбира менаџмент кој е мошне стресен“, порача Ристов.

Тој им вети на жителите на Општина Радовиш дека пред да замине од функцијата ќе дал опширен отчет пред граѓаните за она кое тој го сработил во четиригодишниот мандат.

„Ќе дадам отчет за она кое му го оставам како аманет на градот, но можеби некои луѓе кои очекуваа да продолжам со оваа работа (градоначалничката н.з.) ќе бидат разочарани од мојата одлука, но искрено моите лични планови се косат со функцијата градоначалник, а и лично мислам дека четиригодишната работа беше доволно време да го дадам максимумот на градот“, посочи Ацо Ристов.

Тој го изнесе и своето мислење дека треба да има промени во изборниот закон.

„Мислам дека мандатот на градоначалникот треба да трае пет години без право на реизбор, зашто ако за пет 4-5 години не го дадете тоа што му треба на градот и да ви дадат сто мандати нема да можете ништо повеќе да направите“, рече Ристов.

(Истокпресс)