Радев се жали за усвоената резолуција на германскиот Бундестаг и однесувањето на ЕУ кон Македонија

Бугарскиот претседател Румен Радев напиша писмо до европските лидери и институции во кое се жали на усвоената резолуција на германскиот Бундестаг, како и на однесувањето на ЕУ спрема европските аспирации на Македонија, пренесува Телма.

Според него, компромисот постигнат од Европскиот совет лани во јули, сѐ уште не довел до решение на проблемите. Наместо да работи на исполнување на условите, Скопје повторно се залага за активно лобирање за прикривање на недостигот на политичка волја за исполнување на критериумите за членство.

Радев пишува и за резолуцијата на германскиот Бундестаг и вели дека таа била пример за наметнување на главниот наратив на политичките кругови и медиумите во Македонија, за односите со Бугарија, во кој доминира тезата дека Бугарија не го прифаќа современиот идентитет на Македонија.

Бидејќи Бундестагот ја повикува Бугарија да не поставува дополнителни услови за прием на Македонија во Унијата, Радев пишува дека вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав е само прелиминарен услов за почеток на преговорите за членство. Сепак, тоа не ги исцрпува условите што треба да ги исполни Северна Македонија.

Претходно, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел изјави дека нема пречка за пристапување на Македонија во ЕУ. На прашањето на Бугарското национално радио, кои ќе бидат следните чекори на блокот, ако до ноември Македонија не признае во својот Устав постоење на етничко бугарско малцинство и не ги вклучи Бугарите во Уставот како државотворна нација, Борел вели дека Македонија добро напредува и од европска страна нема ништо што би го блокирало нејзиниот пристап во унијата.

„Во овој пристап строго ќе се почитуваат европските принципи и стандарди. За ова дефинитивно е неопходна добра соработка и регионалната соработка останува суштински елемент, како и стабилизација, за да може да се спроведе процесот на пристапување. Но, билатералните прашања нема да бидат обврзувачки и нема да го одредуваат процесот на пристапување, рече Борел.