Република Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со С. Македонија, затоа очекувам овој дијалог да придонесе кон наше културно зближување, но и да ги поттикне економската соработка и туризмот. Ова денеска го изјави бугарскиот претседател Румен Радев при посета на авиобаза, а пред да ја оствари предвидената средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која е во официјална посета во Софија.
Како што пренесува бугарската национална агенција БТА, Радев очекува Македонија да ги исполни сите обврски што ги презела кон Република Бугарија и кон Европската Унија, со што, како што рече, ќе можеме целосно да ги градиме нашите заемни односи.
Според бугарскиот претседател, Владата во С. Македонија сè уште не ја напуштила предизборната реторика.
„Нека се смират страстите и нека се вратат во реалноста. А нашите односи ќе продолжат да се градат врз основа на склучените договори и заклучоци на Советот на Европската Унија“, вели тој.
Радев смета дека ангажманот на раководството на Македонија во врска со Коридорот 8 ќе биде јасен индикатор за вистинските европски амбиции на земјата, како и за поголема поврзаност и безбедност во регионот.
„Очекувам дека изразената желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Сиљановска-Давкова ќе остане како доследна политика на владата на С. Македонија. Ние строго го следиме протоколот“ – вели тој.
Посочи и дека на ред е негова официјална посета на Скопје, а за реализација на тоа прашање најави дека ќе разговара на средбата со македонската претседателка.