Бугарскиот претседател Румен Радев упати честитка до претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, по повод македонскиот државен празник Илинден – Денот на Републиката.
„Саможртвата на хероите од Илинденско-Преображенското востание го носи споменот низ времето, кој засекогаш ќе ги поврзува Бугарија и Р.С. Македонија и нивните граѓани. Како наследници на нашите предци, имаме одговорност и историска должност да ја следиме и да ги зачуваме достојните завети од нашето минато во име на нашата заедничка европска иднина“, посочува Радев во честитката.
Тој посочува дека 2. август останува „славен датум за нашата заедничка историја и заедно со настаните поврзани со Илинденско-Преображенското востание, се причина за гордост и почит кон храброста и посветеноста на нашите предци во името на нивните аспирации за слобода, еднаквост и правда“.
„Високите идеали на востанието денес се основата на вредностите на обединета Европа“, забележува Радев.
Бугарскиот претседател констатира дека нашата заедничка европска иднина бара неопходна волја и искрен пристап во спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година и спроведување на сите заложби.
„Република Бугарија останува решена да работи на воспоставување добрососедски односи со Република Северна Македонија и да ја обезбеди потребната поддршка за исполнување на договорените критериуми за членство во ЕУ“, истакна шефот на бугарската држава.