
Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска ќе го врачи вториот мандат за формирање влада во рамките на 48. Народно собрание. Мандатот ќе го добие втората по големина пратеничка група – „Продолжуваме со промените“.
„Продолжуваме со промените“ на поранешниот премиер Кирил Петков беше на власт во Бугарија од декември лани до август годинава. Првиот мандат го доби ГЕРБ-СДС, но пратениците не го поддржаа кабинетот на кандидатот за премиер, проф. Николај Габровски, предложен од првата парламентарна сила.
ГЕРБ победи на предвремените избори на 2 октомври, четврти во последните 18 месеци, но досега не успеа да обезбеди мнозинска поддршка за технократската влада што ќе ја предводи Габровски.
Државата има три обиди да формира влада, доколку и тие не успеат, претседателот Радев треба да закаже предвремени избори во рок од два месеца.
Државата со скоро 7 милиони луѓе е во политички ќорсокак од 2020 година, кога ја потресоа големи протести поради незадоволството на јавноста од повеќегодишната корупција.