Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека во петок ќе повика вршителот на должноста премиер Димитар Главчев на разговор за неговите предлози за промени во владиниот кабинет.
-Сакам да ги слушнам вистинските мотиви што го натераа господинот Главчев толку тврдоглаво, без да има работено со овие луѓе, без да ги познава, наеднаш да се премисли и да побара смена, истакна бугарскиот претседател.
Службениот премиер даде два предлога за кадровски промени во владата што ја предводи. Првиот, од функцијата да се ослободи привремениот шеф на дипломатијата, Стефан Димитров, на чие место предлага да дојде Даниел Митов, а Георги Тахов да го замени Кирил Ватев на функцијата министер за земјоделство и храна.
Двајца министри се ослободени само една недела по заклетвата на официјалниот кабинет, што е уште еден доказ за неуспехот на уставните реформи. Во својот обид да наметнат целосен монопол на власта, партиите кои гласаа за измените на Уставот всушност го направија статусот на официјалниот кабинет бесмислен и го направија ранлив на партиско мешање, смета Радев.
Радев потсети дека веќе кажа дека нема да се меша во одлуките на премиерот во однос на составот на официјалниот кабинет, но истакна дека ќе инсистира да се одржи ветувањето што го има дадено – да предложи кабинет подеднакво оддалечен од сите партии.
-Мојата заложба останува да се спречи административна и уставна криза и покрај несоодветните измени на Уставот, нагласи шефот на државата.
„Имам одговорност да ја зачувам политичката пристојност во овој кабинет, додаде тој и нагласи дека во неговиот службен кабинет не бил назначен заменик претседател на политичка партија“.
-Имаме десетици прекрасни дипломати, сите со квалитети да бидат министри, така што секогаш може да се најде достоен министер за надворешни работи кој ќе го брани надворешнополитичкиот курс на Бугарија и нашиот стремеж за целосна европска интеграција, рече претседателот.
Според него, невозможно е во правна смисла да се изгласа недоверба на официјалната влада.