„Како и сите Бугари, и јас со горчина го следам распадот на ова Народно собрание. Партиите мора да бидат свесни дека со овие калливи борби го дискредитираат целиот политички систем, дека бугарскиот парламент не е пазар“ – изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев за бугарските медиуми.
Ова доаѓа како коментар по разрешувањето на претседателот на бугарското Народно собрание – Никола Минчев.
За прашањето за Северна Македонија, Радев рече дека Владата на Петков мора да ги отфрли сите сомнежи дека Бугарија може да го повлече ветото.
„Владата треба да ги отфрли сите сомнежи дека Бугарија може да го повлече ветото за Северна Македонија. Знаете дека премиерот следната недела заминува во Брисел и мора да го брани националниот интерес. Затоа и Народното собрание и Бугарите мора однапред и јасно да знаат точно каква позиција ќе брани премиерот и тоа не може да отстапи од рамката на Консултативниот совет за национална безбедноста. Секоја измама или обид за нејзина замена ќе има тешки последици“ – нагласи Радев.