Радев: Бугарија е втор центар на цивилизацијата, после Византија

Бугарија ѝ даде букви и писменост на Европа уште пред 12 век, а благодарение на старобугарската книжевност која никна во Преслав и во Охрид, Бугарија стана втор центар на цивилизацијата после Византија.

Ова е оценката на претседателскиот двоец во Бугарија, Румен Радев и Илијана Јотова кои учествуваа на Меѓународниот форум за кирилицата на тема „И ние сме му дале нешто на светот“.

Форумот, како што објави БГНЕС, е во организација токму на Јотова која порача дека претседателската институција оддава признание на научните откритија на бугарските интелектуалци и нивната упорност во барањето на вистината за богатата бугарска култура.

-Недозволиво е денеска историјата да се менува и преиначува во корист на геополитички интереси, вели Јотова.

Според неа, опасна е тенденцијата бугарскиот јазик да се изместува со факти кои немаат ништо заедничко со науката.

Кирилицата, вели, е амблем на православието, а освен тоа, „го докажува бугарскиот придонес и во Европа и во Северна Азија“.

Радев, пак, кажа дека не може да се говори за кирилицата без да се спомене придонесот на светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици.

– Претворајќи се во наш најскапоцен дар за човечката цивилизација, кирилицата гради мостови, изјави Радев, додавајќи дека таа продолжува да им служи на десетици националности низ светот.