Нека биде јасно дека се додека има преодна влада, нема да има режим на струја, нема ограничувања за уличното осветлување. Бугарија е производител и извозник на струја, а Бугарите нема да останат во темнина, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев.
Во моментов Европа се обидува да ја спречи социјалната тензија и да гарантира политичка смиреност на сметка на жртвувањето на пазарните механизми, со воведување мерки кои ни се познати од подалечното минато и со огромни компензации, рече Радев.
Според него, главната задача на преодната влада не е да ја ограничи потрошувачката и производството, што е сигурен пат до стагнација, туку да бара најевтини суровини, без разлика каде, и да обезбеди најдобри услови за бугарските бизниси и граѓани.
Преку медиумите, Радев постави и неколку прашања, кои советуваше да им бидат поставени на учесниците на изборите во октомври:
Како ќе дојде мазутот за парно и по која цена? Како одлуката на претходната влада за ограничување на извозот на нафтени деривати со потекло од Русија ќе влијае на производството и цените на горивото? Како отстапувањето ќе влијае на руската нафта? Дали Бугарија воопшто ќе има рафинерија, ќе биде производител на гориво или увозник?