На иницијатива на раководството на СВР Скопје, денеска во општина Центар се одржала работна средба на началникот на СВР Скопје Сашо Топаловски и градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски.
Целта на средбата, соопштија од СВР Скопје, била заедничко делување во решавањето на актуелните проблеми во општината, како што се проблемите во сообраќајот, посебно во Дебар Маало, Капиштец и централното градско подрачје, гласната музика од угостителските објекти до доцните часови, која го нарушува мирот на граѓаните, уништувањето на урбаната опрема во парковите итн.
Началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски на средбата ја изразил цврстата одлучност на Министерството за внатрешни работи со своето делување да се воспостави посакуваниот ред, мир и спокој на граѓаните од општина Центар.
– Беа договорени повеќе чекори со кои заеднички ќе се делува да се остварат планираните цели. Во делот на сообраќајот и непрописното паркирање, Министерството за внатрешни работи ќе почне со засилени контроли низ општината, а за најкритичните места, како познатите дискотеки и локали, предвидено е пајак службата да почне да делува и во трета смена, посебно во деновите пред и за време на викенд, се наведува во соопштението.
Во Дебар Маало, Капиштец и централното градско подрачје, се додава, ќе се делува заеднички со посебни сообраќајни режими и како превентивни така и репресивни акции на полицијата, со зголемена фреквенција и присуство на терен.
МВР заедно со општинските инспекциски служби, се посочува во соопштението, ќе делува засилено и во делот на гласната музика, почитувањето на работното време, како и други редовни акции од надлежност на Министерството.
– За вандалските чинови што на неколку пати се утврдени во неколку од парковите во Капиштец, Министерството по добиените сознанија веќе постапува и извршителите кои ќе бидат идентификувани ќе добијат соодветни пријави. СВР Скопје ќе ги засилува сите свои ангажмани со цел исполнување на стратешките цели на новото раководство на Министерството, а тоа е засилена борба со сите видови криминал и корупција и обезбедување на поголемо ниво на безбедност и спокој за сите граѓани, соопшти СВР Скопје.