Работите на патот Елбасан – ГП Ќафасан завршени 80 отсто

Ако до сега за минување на патот од Ќафасан до Елбасан беа потребни 1 час и 30 минути, оваа оддалеченост ќе се минува за само 35 минути.

Работите од втората фаза на патниот правец Елбасан – граничен премин Ќафасан, на албанско – македонската граница, кај Струга, кој е дел од Коридорот VIII, се веќе завршени со 80 отсто, објави албанската вицепремиерка и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку.

„Работите на овој значаен патен правец во должина од 50 километри, напредуваат со брзо темпо, секој ден се повеќе и повеќе. Изградени се железничкиот подвозник и автомобилскиот надвозник, додека формирањето на трупот на патот напредува со брзо темпо“, напиша таа во Фејсбук објава.

Додава дека овој патен правец ќе го поврзува пристаништето Драч со граничниот премин Ќафасан, за да продолжи понатаму кон Северна Македонија и Бугарија.

„Патот е дел од Коридорот VIII, ќе биде од категорија Б, со четири ленти за движење, од по 3,75 метри секоја, со сообраќајна одвоеност од 1,8 метри помеѓу зелената зона и страничните патеки од страната на брегот на реката и ќе дозволува максимална брзина од 110 километри на час, наведува таа.

Ако до сега за минување на патот од Ќафасан до Елбасан беа потребни 1 час и 30 минути, оваа оддалеченост ќе се минува за само 35 минути.

– Изграден пред повеќе од две децении единствените инвестиции беа во неговото одржување. Проширувањето на патот ќе ги намали сообраќајните незгоди и честите блокади, го олеснува сообраќајот и го скратува времето на патување, како во правец кон Македонија, така и во правец кон Корча, со зголемување на максималната дозволена брзина, велат од државната агенција за патишта.

Почна да се гради во декември 2022 година, во почетокот на јуни минатата година беше отворен за сообраќај на возила, по две ленти, а целосно изградбата треба да заврши годинава.