Не е време за исполнување на нечии лични амбиции туку да спроведеме нов концепт во работењето на СДСМ. Повторно мотивиран и сега, заедно со еден посветен тим наши другари, но и лица што досега не биле во политиката работиме на концепт кој се заснова на “ние”, а не на “јас”, вели Јован Деспотовски член на СДСМ и директор на ТИРЗ во изјава за тоа дали ќе се кандидира за претседател на партијата по оставката на Димитар Ковачевски.
По дебалкот на изборите, тој е убеден дека на партијата и треба радикален дисконтинуитет со досегашните политики, начинот на кој биле спроведувани, но и со кадровските решенија.
– Јасна е пораката од членовите и граѓаните. Затоа ги повикувам партиските другари од актуелното раководство да преземат одговорност и да го затвориме тоа прашање без понатамошно одлагање. Да се даде предност на СДСМ пред личните желби и амбиции. Во спротивно како ќе им покажеме на граѓаните дека сме ја слушнале и разбрале пораката што ни ја испратиле ако повторно им се понуди она за што рекле јасно “не“. Сега треба да размислуваме за денот понатаму. На СДСМ му е потребен нов концепт и решение за „повторно раѓање“, смета Деспотовски.
Тој потсетува дека веќе понудил поинаков концепт за СДСМ кога пред три години се кандидира за челната позиција и оти е повторно мотивиран да понуди концепт со кој партијата ќе си го врати назад заслуженото место.
-Уште пред три години кога понудив еден поинаков концепт и се кандидирав за претседател јасно кажав дека не се согласувам со патот по кој тргна СДСМ. Повторно мотивиран и сега, заедно со еден посветен тим наши другари, но и лица што досега не биле во политиката работиме на концепт кој се заснова на “ние”, а не на “јас”. Денес сум решен тој нов концепт да го претставиме, да го одбраниме и потоа заедно со сите искрени членови и поддржувачи да се бориме за негово спроведување. Нашиот концепт обединува а не фаворизира, концепт во кој ќе му се чуе гласот на секој еден и ќе има место за сите кои искрено ќе се вложат во партијата повторно да го врати интегритетот и местото што го заслужува, вели Деспотовски најавувајќи ја практично својата кандидатура за претседател на СДСМ.
За него ова е прашање на одговорност кон членството, симпатизерите и на обнова на довербата.
-За реформи е потребна храброст и одлучност. Но ова не избор, ова е чин на одговорност што им го должиме на нашите членови и нашите поддржувачи.
Само така ќе покажеме дека навистина сме ја примиле пораката и ќе почнеме да ја обновуваме довербата што ја изгубивме, вели Јован Деспотовски.