
Пуштен е во употреба реконструираниот пат Охрид – Св. Наум во должина од 24,4 километри. Инвестицијата во износ од 11,7 милиони евра е на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Целосно е саниран коловозот, поставени се нова сигнализација, безбедносна ограда и проширувања. Направени се и заштитни интервенции на ризичните косини на патот широк шест метри.
Според премиерот Христијан Мицкоски, се пушта значаен пат кој, посочи, беше заборавен, а кој го заслужуваат Охрид, граѓаните и туристите.
– Ова не е само пуштање на пат, туку уште една потврда за определбата на Владата да се гради, без многу врева, партиски и бизнис спектакли, со план и јасна визија и многу работа. Во моментов паралелно се градат неколку клучни патни правци, автопатот Кичево – Охрид силно се забрзува, делниците Тетово Гостивар и Гостивар – Букојчани се активни, а се работи и на подготовка за градба на делницата Букојчани – Кичево. Тоа значи дека целосно го затвораме автопатниот прстен во западна Македонија и тука не застануваме. Нашата стратегија е јасна. Инфраструктурата не е трошок, таа е инвестиција во иднината на државата, ги отвора вратите за туризам, за економија, регионално поврзување, за работни места, рече Мицкоски.
Истакна дека реконструираниот пат не поврзува со манастирскиот комплекс Свети Наум, а ги поврзува и сите плажи и туристички капацитети на јужниот дел од охридското крајбрежје и е дел од регионалната врска со Албанија.
– Охрид градот под заштита на УНЕСКО полека но сигурно го добива ликот на посакувана и пристапна европска дестинација, го поврзуваме со светот преку нови авиолинии, Истанбул, Виена, Меминген, Виена, Белград. Денес преку обновени патишта овозможуваме да дише слободно и да се развива како што треба, посочи Мицкоски.
Патот Охрид – Свети Наум, за вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, е витален за целото крајбрежје и туризмот. Забележа дека одредени делници не биле чепнати од неговата изградба.
– Особено ми е драго што се направи еден модерен пат и полесно и побрзо ќе можат преку целата година да стигаат луѓето кои што живеат на овој дел од езерото, но исто така и туристите полесно да комуницираат. Пред нас имаме уште големи проекти. Ова е Влада која што е само 11 месеци, Влада која што се соочи со огромни проблеми. Седум години имаше пустош во Македонија, инфраструктурните проекти беа целосно застанати, како што беше и овој, рече Николоски.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски рече дека патот е завршен во предвидениот рок и оти денес имаме побезбеден, попрегледен и рехабилитиран пат.
– Ги подигнавме стандардите на безбедност во сообраќајот, обезбедивме квалитетна врска од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум, го подигнавме квалитетот на туристичкиот потенцијал и го поттикнуваме економскиот развој во охридскиот регион, рече Трајановски.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков изрази задоволство за реализацијата на капиталниот проект реконструкција, проширување и уредување на делницата Охрид – Свети Наум со кој, според него, е решен еден од најгорливите инфраструктурни проблеми.
– Станува збор за еден од најзначајните проекти за Охрид, како најголема туристичка дестинација во регионот. Реконструираната, проширена и партерно уредена делница Охрид – Свети Наум отвара нови хоризонти за охридскиот туризам. Новиот пат, значи побезбеден пристап на туристите од и кон Охрид и плажите долж ривиерата. Овој проект посакуван од дамнина, сега веќе е реализиран и треба да претставува во иднина поттик за решавање и изработка на проект, кој на експресен начин ќе го олесни и сообраќајно ќе ги реши двете најпосетувани дестинации, Заливот на коските и манастирот Свети Наум, подвлече Пецаков.