Путин ќе има 30 конкуренти за позицијата претседател на Русија

Повеќе од 30 лица поднеле апликации за кандидатура за функцијата руски претседател, изјави Ела Памфилова, претседател на руската Централна изборна комисија.

Таа за Тасс изјави дека изборната кампања секако ќе биде конкурентна, бидејќи е очигледно дека ќе има повеќе од еден кандидат. Граѓаните на Русија можат да учествуваат на претседателските избори како независни кандидати или како кандидати на политички партии, а за да се пријават за учество во изборниот процес, треба да достават соодветна документација до Централната изборна комисија.

Независните кандидати мора да достават документација и да обезбедат поддршка од група граѓани, што го направи актуелниот претседател на Руската Федерација Владимир Путин.

Следна обврска е да се соберат 300.000 потписи за поддршка на кандидатурата и да се достават до Централната изборна комисија до 31 јануари следната година.

На кандидатите предложени од политичка партија им требаат 100.000 потписи.

Претседателските избори во Русија ќе се одржат од 15 до 17 март 2024 година, пренесува Танјуг.