Путин ќе бил уапсен доколку отишол во Јужна Африка

Владата на Јужна Африка ќе го уапсеше рускиот претседател Владимир Путин доколку влезеше во земјата, се наведува во писменото соопштение на Министерството за правда, кое вчера го објави опозицискиот Демократски сојуз, јави ДПА.

По неколкумесечна неизвесност, Јужна Африка и Русија минатата недела објавија дека Путин нема да патува во Јужна Африка на самитот на БРИКС. Наместо тоа, тој ќе се приклучи преку видео врска на форумот од 22 до 24 август во Јоханесбург, што ги собира Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка.

Демократската алијанса, заедно со групата за човекови права Амнести интернешенел, поднесе тужба до судот во Преторија за да ја принуди владата да го уапси Путин доколку тој влезе во земјата. Извршниот директор на јужноафриканскиот огранок на Амнести интернешенел, Шенила Мохамед, оваа декларација ја нарече „победа на владеењето на правото и меѓународната правда, но најважно е победа на жртвите во Украина“.

Против Путин е распишана меѓународна потерница за наводни воени злосторства извршени во Украина.

Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса изјави дека Москва ја предупредила Јужна Африка дека секое апсење на Путин ќе биде еднакво на „објавување војна“.

Јужна Африка е потписник на договорот за основање на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, кој издаде налог за апсење на Путин, и беше под притисок од меѓународната заедница да го уапси Путин доколку присуствува на форумот.