Путин тврди дека војната во Украина ќе завршела за две недели, ако Зеленски не ги слушал САД и Велика Британија

Рускиот претседател Владимир Путин ги обвинува САД и другите западни земји дека ја продолжуваат војната во Украина. Ова го изјавил во двочасовното интервју што го имал со поранешниот водител на „Фокс њуз“, Такер Карлсон, кое воедно е и прво негово интервју дадено за западни медиуми, откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, пренесува Гардијан.

„Имаше мировни преговори со Украина кои беа речиси финализирани, но потоа Украина ги отфрли сите тие договори и ги послуша инструкциите на западните земји, европските земји и САД да се борат со Русија до крај“ – рече Путин.

Путин во интервјуто речиси половина час зборува за историјата на Русија, Латвија, Полска и Украина, а ја коментира и надворешната политика на Ленин. Но, исто така, тој ја коментира и позицијата на поранешна Југославија, како и бомбардирањето на Србија во 1999 година.

За одвраќање на Зеленски од договор со Русија, Путин вината ја префрла на Борис Џонсон, поранешниот британски премиер.

Во интервјуто тврди дека токму Џонсон како премиер го одвратил Зеленски да потпише мировен договор во раните фази на конфликтот.

„Фактот што Украина го слушаше барањето или убедувањето на Џонсон, поранешниот премиер на Велика Британија, изгледаше смешно“, рече Путин.