Рускиот претседател Владимир Путин му се јавил и му ја честитал изборната победа на српскиот претседател Александар Вучиќ – јавуваат српските медиуми.
Кремљ јавува дека Путин разговарал со Вучиќ за проширување на економската соработка меѓу двете земји, особено во енергетскиот сектор.
„Претседателот Вучиќ го информираше претседателот Путин за тешкотиите со кои се соочува Србија во однос на увозот на сурова нафта и верува дека Гаспром Нефт и партнерите од ЕУ ќе најдат решение за таквата ситуација“ – соопштија од кабинетот на Вучиќ.
Двајцата претседатели разговарале и за снабдување со природен гас, бидејќи постоечкиот договор со Србија истекува на 31 мај.
„Разговорите за склучување на нов договор треба да започнат што е можно поскоро“ – се вели во соопштението.
Србија ги увезува сите количества гас од Русија, а Гаспром е мнозински сопственик на единствениот складишен капацитет за гас во Србија.
Путин и Вучиќ разговарале и за неодамнешните настани во Украина, соопштија од кабинетот на Вучиќ.