Доколку САД ги распоредат своите ракети со висока прецизност во Германија, Русија ќе се смета себеси за ослободена од мораториумот за распоредување на своите ракети со среден и краток дострел, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.
Осврнувајќи се на изјавите на американската администрација за плановите за распоредување ракети со голем дострел во Германија од 2026 година, Путин рече дека важни руски државни и воени капацитети ќе бидат во дострелот на тие ракети и оти времето на нивниот лет до целите на територијата на Русија ќе биде околу десет минути.
– Доколку тие планови се спроведат, ние ќе се сметаме себеси за слободни од претходно прифатениот едностран мораториум за распоредување ударно оружје со среден и краток дострел, вклучително и зголемување на капацитетите на крајбрежните сили на нашата морнарица, рече рускиот претседател во Санкт Петербург каде со парада на флотата е одбележан Денот на руската морнарица.
Тој изјави дека развојот на голем број вакви системи е во завршна фаза и оти Русија ќе преземе реципрочни мерки за нивно распоредување, земајќи ги предвид активностите на САД во Европа и во другите региони во светот.
Путин изјави дека руската флота постојано добива современо оружје и оти Русија ќе продолжи да ја опремува флотата со нова генерација на високотехнолошка опрема и хиперсонични ракетни системи.