Путин оди во Минск – расте загриженоста од можен притисок за вклучување на Белорусија во војната со Украина

Во пресрет на официјалната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Минск, најавена за денеска, во рамките на која тој треба да се сретне со својот белоруски колега Александар Лукашенко, расте загриженоста и шпекулациите од можен притисок на шефот на Руската Федерација врз Белорусија за нејзино вклучување во борбите во Украина, јавуваат агенциите.

Путин, кој само неколкупати ја напушти Русија од почетокот на пандемијата на ковид-19 во 2020 година, денеска отпатува за Минск.

Како што соопштија од кабинетот на Лукашенко, двајцата претседатели ќе имаат тет-а-тет средба, а состаноци ќе одржат и министри на двете земји.

Путин, според аналитичари и воени претставници, на средбата може ќе се обиде да го убеди Лукашенко да распореди белоруски војници заедно со руските сили во нова офанзива врз Украина.

Според други експерти, пак, можеби станува збор за обид на рускиот лидер да го одвлече вниманието на военото раководство на Украина и да ги повлече нејзините сили од жестоките борби на исток кон границата со Белорусија на север.

Украинскиот генерал полковник Сергеј Најев на вчера изјави дека двајцата лидери најверојатно ќе разговараат за „поширока вклученост“ на белоруската војска во војната.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина се подготвува за сите можни опции, вклучително и напад од белоруска територија.

„Заштитата на нашите граници, и со Русија и со Белорусија, е наш постојан приоритет“ – рече Зеленски во своето видеообраќање синоќа.

Русија во моментов обучува илјадници свои војници во Белорусија. Експертите велат дека е можно Москва овие војници да ги подготвува за голема офанзива врз Украина на почетокот на следната година.

Во меѓувреме, новинската агенција Интерфакс ја цитираше изјавата на руското Министерство за одбрана со денешен датум дека Русија и Белорусија ќе спроведат заеднички вежби, но без да се наведуваат детали.

„Конечната оценка за борбената способност и борбената готовност на единиците ќе биде дадена по извршување на баталјонските тактички вежби“ – се вели во соопштението на Министерството.