Путин нареди истрага за инцидентот со Кримскиот мост

Рускиот претседател Владимир Путин наредил официјална истрага за инцидентот со мостот, изјави на 8 октомври портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, пренесе Интерфакс.

Експлозија и пожар го оштетија Кримскиот мост, што ги поврзува Русија и окупираниот Кримски Полуостров, рано на 8 октомври.

Властите во Москва велат дека станува збор за бомбашки напад со камион – бомба, а висок соработник на претседателот на Украина сугерираше дека е нов удар од Киев.

Русија во саботата соопшти дека загинале три лица кои биле во автомобил во близина, јавуваат западните агенции Асошиејтед прес и Агенцијата Франс прес.

Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, на социјалната мрежа Твитер напиша твит во кој сугерираше вмешаност на Украина. Тој го нарече инцидентот на мостот „почеток“.

Гори Кримскиот мост, за украинските власти ова е само почеток
По експлозијата руските медиуми и каналите на Телеграм објавија дека сообраќајот е запрен на мостот.

Неколку часа подоцна, руското Министерство за транспорт соопшти дека по неоштетените ленти на мостот е обновен ограничен патен сообраќај.

Руската новинска агенција ТАСС ја цитираше портпаролката на Руската Федерална агенција за патишта (Автодор), која рече дека „персонал од руското Министерство за вонредни состојби и патната служба работат на местото за да го локализираат пожарот“.

Споделените слики на социјалните мрежи покажуваат како се издига црн чад на едниот крај од 19-километарскиот патно-железнички мост, кој беше завршен во 2019 година.

Кримскиот мост е најдолгиот во Европа и имаше за цел да ја консолидира контролата на Русија врз Крим, кој таа го анектираше од Украина во 2014 година.