Рускиот претседател Владимир Путин денеска му честиташе на Николас Мадуро за неговиот реизбор за претседател на Венецуела и ја потврди подготвеноста на Москва да продолжи со заедничката работа на актуелните прашања од билатералната и меѓународната соработка меѓу двете земји, соопшти Кремљ.
Тој додаде дека руско-венецуелските односи по својата природа се „стратешко партнерство“ и дека е убеден дека активностите на Мадуро на чело на државата ќе продолжат да придонесуваат за прогресивен развој на односите меѓу двете земји во сите правци.
„Би сакал да ја потврдам нашата подготвеност да продолжиме со конструктивна заедничка работа за актуелните прашања од билатералната и меѓународната агенда. Не заборавајте дека секогаш сте добредојден гостин на руското тло“, се вели во честитката на Путин, а пренесува РИА Новости.
Националниот изборен совет на Венецуела претходно денеска соопшти дека врз основа на резултатите од обработените 80 отсто избирачки места, актуелниот венецуелски претседател Николас Мадуро освои 51,2 отсто од гласовите и победи на претседателските избори, со што обезбеди трет мандат.
Неговиот противкандидат, опозицискиот претставник Едмундо Гонзалес Урутија, според податоците на изборната комисија, освоил 44,2 отсто од гласовите.