Рускиот претседател Владимир Путин ја претстави идејата за изградба на голем гасен центар во Турција на денешните разговори со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Казахстан.
„Како дел од овој хаб, кој би можеле заедно да го создадеме, секако, би имало и платформа не само за снабдување, туку и за одредување на цената, бидејќи тоа е многу важно прашање. Денес овие цени се високи, лесно би можеле да ги регулираме на нормално пазарно ниво, без никакви политички призвук“, рече Путин.
Путин вчера предложи Русија да изгради голем гасен центар во Турција со пренасочување на испораките наменети за оштетените подморски гасоводи Северен тек, пренесува Ројтерс.
Ердоган не ја коментираше идејата за гасен центар. Путин и Ердоган разговараа и за нуклеарната енергија за време на нивната средба на почетокот на регионалниот самит во Казахстан. Ердоган ја спомена руската изградба на првата турска нуклеарна централа, за која Анкара се надева дека ќе биде отворена следната година, пренесува АФП.
Ердоган предложи Русија да изгради втора нуклеарна централа во северна Турција. Турскиот претседател ги бранеше и растечките трговски врски на Анкара со Москва. Според „Гардијан“, САД и ЕУ вршат притисок врз Турција да се придржува кон санкциите наметнати на Москва поради нејзината инвазија на Украина.
Сепак, Ердоган одби, нудејќи ја Турција членката на НАТО како неутрално место за можни преговори за примирје и одобрувајќи серија договори кои повеќе од двојно ја зголемија вредноста на извозот во Русија во последните месеци.