
Путин: Искрено се надевам дека ќе биде спроведен планот на Трамп за Појасот Газа
„Искрено се надеваме дека овие иницијативи на американскиот претседател навистина ќе се остварат во пракса“, рече Путин на самитот во Таџикистан.
Русија се надева дека планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Газа ќе биде успешно спроведен и е подготвена да ги поддржи напорите за прекин на крвопролевањето, изјави денес претседателот Владимир Путин.
„Искрено се надеваме дека овие иницијативи на американскиот претседател навистина ќе се остварат во пракса“, рече Путин на самитот во Таџикистан.
Примирје и ослободување на заложниците се договорени како дел од првата фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Газа.
Египетската државна телевизија Каиро објави дека примирјето официјално стапило во сила околу пладне по локално време во регионот, откако завојуваните страни го потпишале во египетското одморалиште Шарм ел Шеик.
Според првата фаза од договорот, борбите ќе престанат, Израел делумно ќе се повлече од Газа, а Хамас ќе ги ослободи заложниците што ги зароби во нападот што ја предизвика војната, во замена за затвореници што ги држи Израел.