Рускиот претседател Владимир Путин за првпат проговори за терористичкиот напад „Крокус сити хол“ во Москва.
Путин нападот што се случи синоќа го нарече „крвав и варварски“ и рече дека терористите се упатил кон Украина, каде што им бил подготвен „премин“.
„Како некогаш нацистите, мислеа да извршат демонстративна егзекуција. Казната ќе ја сносат сите извршители, организатори и нарачатели, кои и да се. Ќе го казниме секој кој ќе застане зад терористите кои го планираа тој напад врз Русија и нашиот народ“, рече Путин.
Путин порача и дека се воведени посебни мерки насочени кон борба против тероризмот со цел да се спречат нови напади.
Претходно денеска, рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговараше со претседателот на Узбекистан Шавкат Мирзијоев.
Кремљ наведува дека узбекистанскиот лидер остро го осудил крвавиот терористички напад и побарал од Путин да им пренесе зборови на поддршка на семејствата на жртвите и да им посака брзо закрепнување на повредените.
Уапсени се 11 лица, меѓу кои и четири лица кои се осомничени дека се директно вклучени во нападот.
Според податоците на Државниот истражен комитет на Русија, во нападот во петокот вечерта во концертната сала на трговскиот центар во Москва загинале 93 лица. Во соопштението на Министерството за здравство на Московскиот регион, се наведува дека 145 лица се префрлени во болници. Од нив 60 се во тешка состојба. Рано утринава руската новинска агенција РИА објави дека во нападот загинале и три деца.
Нападот се случил во „Крокус сити хол“ пред концертот на руската група „Пикник“ од Санкт Петербург – неколку лица во маскирна облека отвориле оган од автоматско оружје. Според руските информации, уапсени се единаесет лица, меѓу кои четири лица осомничени дека се директно вклучени во нападот.
Безбедносните служби на Русија соопштија дека имало најмалку една експлозија, по што избувнал пожар. РИА објави дека напаѓачите фрлиле граната или огнена бомба. Во пожарот, како што беше кажано, уништени се горните катови од зградата.
Спасувачките служби на лице место проценуваат дека пожарот се проширил на површина од најмалку 13.000 квадратни метри.