Путин го замени Сергеј Шојгу

Рускиот претседател Владимир Путин ја поднесе до Советот на Федерацијата кандидатурата на Андреј Белоусов за функцијата министер за одбрана на Руската Федерација и Сергеј Лавров за функцијата министер за надворешни работи, пренесе Интерфакс.

Поранешниот прв вицепремиер Белоусов по образование е економист и кибернетичар, тој не служел војска.

Неговиот претходник како министер за одбрана Сергеј Шојгу стана секретар на Советот за безбедност, пишува РБЦ.

Прес-секретарот на Путин, Дмитриј Песков, го објасни назначувањето на Белоусов со фактот дека министерството треба да биде отворено за иновации, па затоа е избрана кандидатурата на „цивилен човек“.

Белоусов стана прв вицепремиер во 2020 година. Претходно работеше во владата од 2006 до 2008 година. Беше заменик министер за економски развој и трговија, помошник министер за економски развој и директор на Секторот за економија и финансии на Владата на Русија.

Од 2012-2013 г. бил на чело на Министерството за економски развој, од 2013 до 2020 година бил помошник на претседателот за економски прашања.