Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот (13 јули, 2023) за првпат зборуваше за она што било разговарано на состанокот во Кремљ на кој присуствуваа 35 команданти на паравоената група „Вагнер“, вклучувајќи го и шефот на групата, Евгениј Пригожин.
Средбата се одржа на 29 јуни, само неколку дена откако борците на „Вагнер“ започнаа краткотраен вооружен бунт. „Од една страна, на средбата дадов оценка за тоа што направија на бојното поле (во Украина), а од друга страна, што направија за време на настаните од 24 јуни. Трето, им покажав можни опции за нивна натамошна служба, вклучувајќи го и користењето на нивното борбено искуство“, рече Путин.
Според рускиот претседател многумина од присутните команданти сигнализирале согласност за неговата понуда да продолжат со воена служба во Украина, но не и Пригожин.
Путин, кој беше интервјуиран од рускиот весник Комерсант, беше прашан дали „Вагнер“ ќе биде задржан како борбена единица. „Немаме закон за приватни воени организации! Едноставно не постои! Не постои таков правен субјект. Групата постои, но легално не постои!“, рече Путин.
Путин во интервјуто повтори дека ова е посебно прашање кое се однесува на реалната легализација. „Но, тоа е прашање за кое треба да се разговара во Државната Дума, во Владата. Тоа не е лесно прашање“, објасни рускиот претседател.
Во меѓувреме американското министерство за одбрана соопшти дека припадниците на „Вагнер“ повеќе не учествуваат во големи размери во борбените операции во Украина.
„Во овој момент, не гледаме дека силите на ’Вагнер’ учествуваат во големи размери во борбените операции во Украина“, изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер.
Меѓутоа, две недели по неуспешниот бунт на групата во Русија, американските власти веруваат дека повеќето од членовите на „Вагнер“ сѐ уште се во областите во Украина окупирани од Русија.
Паравоена група која одигра клучна улога во руската инвазија на Украина се обиде да го собори руското воено раководство со брз државен удар кон крајот на јуни. Бунтот заврши вечерта на 24 јуни, со договор кој предвидуваше заминување на Пригожин во Белорусија.
На неговите борци рускиот претседател Владимир Путин им понуди да се приклучат на редовните вооружени сили, да заминат во Белорусија или да се вратат во цивилниот живот.
Руската војска неодамна соопшти дека о групата „Вагнер“ и предала повеќе од 2.000 парчиња воена опрема, 2.500 тони муниција и 20.000 лесно оружје.