Рускиот претседател Владимир Путин би можел да учествува во работата на самитот на Г-20 во Индонезија во онлајн режим, ова прашање се уште се разгледува, изјави портпаролот на руската амбасада во таа земја, Александар Тумајкин.
Во соопштението се додава дека руската делегација на самитот што ќе се одржи од 15-16 ноември на индонезискиот остров Бали ќе биде претставена од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.
Од друга страна, Ројтерс, повикувајќи се на портпаролот на министерот-координатор за поморски и инвестициски прашања на Индонезија, Џоди Махарди, објави дека Путин нема да присуствува на самитот.
„Рускиот претседател Владимир Путин нема да присуствува на состанокот на лидерите на Г-20 во Бали следната недела. Путин ќе го претставува министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, кој ќе се приклучи на еден од состаноците во онлајн режим“ – цитираше претставникот на агенцијата.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера изјави дека се разгледуваат различни формати за учество на Русија на самитот на Г-20, а одлуката ќе биде донесена во наредните денови.