Претседателот на Русија, Владимир Путин изјави дека руската армија ќе ја протера украинската армија од нејзината територија, откако Украина успешно го нападна рускиот регион Курск.
Минатиот вторник, украинските сили ја преминаа границата со Русија и окупираа значителна територија во областа Курск. Ројтерс пишува дека потенцијалната цел на ненадејниот напад е да се добие подобра позиција во преговорите за прекин на огнот по претседателските избори во САД во ноември.
Изненадената Русија успеа да го стабилизира фронтот во неделата, иако руските воени блогери известуваат дека Украина добила дополнителна територија во битката со руската армија. Гувернерот на соседната област Белгород, Вјачеслав Гладков, објави дека евакуацијата на цивилите од областа Краснаја Јаруга започнала поради „непријателска активност на границата“.
Путин, во најобемниот говор за украинската офанзива досега, рече дека Киев „со помош на западните господари“ сака да ја подобри својата преговарачка позиција и да го поткопа рускиот напредок.
Путин им рекол на безбедносните службеници и на регионалните гувернери дека украинските сили трпат големи загуби.
„Непријателот секако ќе добие соодветен одговор и сите цели што не очекуваат, без сомнение, ќе бидат остварени“, рече тој.
Путин тврди дека Украина се обидува да го заплаши руското општество и со тоа да ја загрози неговата стабилност. Тој ги предупреди властите дека Украина ќе се обиде дополнително да ги дестабилизира пограничните области.
Гувернерот на Курск, Алексеј Смирнов, на средбата со рускиот претседател изјави дека Украина контролира 22 места во регионот и дека офанзивата е длабока околу 12 километри и широка околу 40 километри.
Москва воведе вонредни мерки во регионите Курск, Брјанск и Белгород, а нејзиниот сојузник Белорусија потврди дека исто така го зголемила своето воено присуство на своите граници откако Украина, наводно, влегла во нејзиниот воздушен простор со беспилотни летала.