Израелската амбасада во Стокхолм е затворена по пукање во близина на амбасадата рано утринава, јавија локалните медиуми.
Претставникот на шведската полиција Пер Фалстром за весникот Екпресен изјави дека полициска патрола слушнала истрели во близина на израелската амбасада, за кои се сомневале дека се од огнено оружје.
Покрената е прелиминарна истрага, а Фалстром за медиумите изјави дека се приведени неколку лица, без да наведе дополнителни детали, пишува „Тајмс оф Израел“. Фалстром не коментираше дали амбасадата била цел на пукањето.
Областа беше опколена веднаш по 02:00 часот, а полицискиот извештај објавен во 6:30 часот вели дека истрагата покажала дека имало истрели во областа.
Израелското Министерство за надворешни работи се уште не излезе со соопштение во врска со овој настан.